Упатства

Како да се изврши набљудувањето?

Набљудувањето трае околу 30 минути и кога е можно, треба да се набљудуваат 100 растенија. Не брзајте, дишете чист воздух и помогнете ни да напредуваме со нашето истражување.

Појдете во природа

Земете со себе паметен телефон/таблет со пристап до интернет или испечатете го формуларот за набљудување на хартија

Најдете пролетни јаглики

Пролетните јаглики често се наоѓаат во ливадите, крајбрежните области, рабовите на шумите и покрај патиштата

Набљудувајте и пополнете го електронскиот формулар

Пополнете го формуларот за набљудување на интернет

Уживајте!

Фотографирајте се со пролетните јаглики. Споделете ги фотографиите на социјалните медиуми

Набљудување со хартиен формулар

За да го извршите набљудувањето на хартија, потребни ви се печатена верзија на формуларот за набљудување, пенкало и фотоапарат. Подоцна испратете ги резултатите преку електронскиот формулар на www.cowslip.science.


Запомнете!

  • Обидете се да ја означите конкретната локација (така што ќе кликнете на линкот „Лоцирај автоматски“). Благодарение на ова, научникот ќе може подоцна да ги користи овие информации за понатамошна анализа на податоците.

  • Не заборавајте да ги фотографирате пролетните јаглики.

  • Нема потреба да го берете растението – доволно е да го погледнете цветот одозгора.

  • За да останете здрави и безбедни додека го вршите набљудувањето, следете ги локалните инструкции поврзани со ширењето на коронавирусот COVID-19.

Видео

Како да ја препознаете пролетната јаглика?

Пролетната јаглика (Primula veris) е пролетен цвет. Таа е повеќегодишно растение, што значи дека едно растение расте и цвета на исто место многу години. Видовите коишто понекогаш може да ги помешаме со пролетната јаглика се игликата (Primula elatior) и обичната јаглика (Primula vulgaris). Видовите Primula може лесно да хибридизираат помеѓу себе. Осигурајте се дека за вашето набљудување сте пронашле пролетни јаглики!

Како изгледа пролетната јаглика?

Пролетната јаглика е тревно растение со просечна висина од 10 до 30 cm. Има издолжени зелени ливчиња долги до 20 cm. Едно растение може да има повеќе стебла. Пролетната јаглика има темножолти наведнати цветови во форма на ѕвонче со портокалови точки, во соцветија од 5 до 16 пупки заедно, вообичаено сите на една страна.

Како да ја разликувате пролетната јаглика од другите слични видови?

Во споредба со игликата, цветовите на пролетната јаглика се помали, светложолти, со мали портокалови точки. Цветовите на игликата се обично поголеми и бледожолти. Цветовите на пролетната јаглика се во форма на ѕвонче, додека пак цветовите на игликата се поотворени. Обичната јаглика има кратко стебленце и цветовите се бледожолти до бели. Постојат и други видови на јаглики кои се одгледуваат во градини и лесно може да се рашират од градината во природата. Тие имаат цветови во различни бои, како на пр. виолетова, црвена, портокалова и розова, додека пролетната јаглика има исклучиво светложолти цветови.

Пролетните јаглики се едни од предвесниците на пролетта. Зависи од регионот и од временските услови, но вообичаено почнува да цвета во почетокот на мај и цвета околу две недели. При поладни временски услови, цветањето може да започне подоцна и да трае до средината на јуни. Во потоплите региони, цветањето може да започне и во април.

Каде расте пролетната јаглика?

Пролетната јаглика е прилично честа во Европа со статус „најмала загриженост“ на црвената листа на загрозени видови. Но поради загубата на живеалиштето, нејзиниот статус почнува да се влошува. Пролетните јаглики претпочитаат сува или умерено влажна варовничка почва, која често се наоѓа на крајбрежјата на реки и езера. Ова не значи дека пролетните јаглики не успеваат да растат и на покисели почви. Пролетните јаглики може да ги најдете во традиционално одгледувани ливади, парковите, рабовите на шумите и покрај патот. Тие претпочитаат посончеви места.

Што ако цветот не изгледа како ниедна од двете форми?

Ова не се случува често, но понекогаш се наоѓаат растенија кои не се ниту со S ниту со L фома. Овие средни форми, чии што прашници и толчник се со иста должина, се нарекуваат хомостилни. Хомостилните индивидуи може да еволуриаат како последница на мутација, и сите нивни цветови треба да изгледаат исто. Доколку најдете хомостилна јаглика, не ја вклучувајте во броењето јаглики, но сепак кажете ни дека сте ја виделе! Може на пример да додадте коментар на набљудувањето и да додадете слика од хомостилниот цвет. Уште подобро ќе биде ако ни пратите порака на info@cowslip.science со сликата и точната местоположба каде сте го нашле цветот. Со овие информации, може да пратиме екипа на терен која ќе земе мал примерок од листот на растението за понатамошни генетски анализи, или можеби и вие можете да ни пратите растителен материјал следејќи ги нашите инструкции. Благодарение на овие невообичаени набљудувања, ни помагате да откриеме уште повеќе нови работи за хетеростилноста.